You are currently viewing Фолклорна дејност

Фолклорна дејност

Негувањето и развивањето на на фолклорната дејност е еден од врвните приоритети на Центарот за култура – Битола. Во тој контекст установата има воспоставено мостови на соработка со институции, организации, здруженија, ансамбли, стручни лица и уметници кои се врвни носители на фолклорната дејност во земјата и во светот со цел да се промовираат, афирмираат и на соодветен начин да се заштитат вистинските вредности кои се дел од светското духовно и материјално културно наследство.

Базирајќи се на тие фундаменти, покрај другото, Центарот за култура – Битола е организатор на високо рангираниот, светски респектиран и афирмиран Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, како и на Семинарот за традиционална музика и игра.

Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ – Битола, од 1971 година до денес, во континуитет, врз база на стручни и научни основи, генерира живо егзистирање на народната култура претставена преку обичај, обред, музика, песна, носија и игра. Создаден да чува, негува и презентира, во текот на годините со планиран растеж и стратегија, фестивалот се дефинира како високо респектабилна, репрезентативна сцена каде што македонските и ансамблите од целиот свет низ строго рафиниран сценски израз ги афирмираат своите традиционални вредности во оригинален облик и форма.

Децениската активност продуцира програмска испреплетеност меѓу сценските презентации, едукативните проекти, семинарите, работилниците, ликовните и аудио – визуелните презентации и изложби, ревиите на народни носии, научните собири, програмските рецензии, стручните расправи, издавачките проекти, концертните каравани, уличните перформанси, со што фестивалот стана еден комплексен програмски систем во кој функционираат и се надополнуваат огромен број сегменти од народната култура, традицијата и творбите инспирирани од неа.

„Илинденски денови“ е интернационален фестивал на традиционална музика и игра, фестивал од национален интерес под покровителство на Собранието на Република Северна Македонија кој се реализира секоја година во последната недела од месец јули, во предвечерието на големиот празник ИЛИНДЕН.

Илинденски денови

„Илинденски денови“ е единствен фестивал од Република Северна Македонија кој поседува сертификат од Меѓународната асоцијација на фолклорни фестивали CIOFF – International Council of Organizations of Folklore Festivals, која е во рамките на УНЕСКО, и ги спроведува светските критериуми во организацијата и реализацијата на фестивали.

Семинарот за традиционална музика и игра е воспоставен во 2009 година, со цел да овозможи едукативно надградување на стручните лица кои работаат во ансамблите на традиционална музика и игра, изградување на стручен и одговорен однос кон зачувувањето на културното наследство, рафинирање на сценско уметничкиот израз, прифаќање и практицирање на современите стандарди за начин на презентација на традиционалните вредности.

Предавачи на Семинарот се истакнати професори, асистенти и студенти од Универзитетите во Република Северна Македонија од областа на етнологијата, етнокореологијата, етномузикологијата, музеологијата, како и играорци, интерпретатори на народни инструменти, вокални интерпретатори и докажани успешни практичари од ансамблите на традиционална музика и игра.

Семинарот за традиционална музикиа и игра се одржува секоја година за време на одржувањето на Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.

Во согласност со програмските тенденции, определби и заложби, програмата и сценските простори на Националната установа Центар за култура – Битола се секогаш отворени за врвните дострели од областа на фолклорната дејност од земјата и светот.