Ве покануваме на самостојна изложба на Весна Дунимаглоска „Лабораторија во друштво“
Создавајќи на рабовите на филмот, во полето на поставангардното искуство, преку медиумите на проширеното видео, перформансот и фотографијата, неуметничкиот исказ и обидот да се остане во нематеријалното/искуственото, авторката идејно го димензионира, именувајќи го временскиот простор помеѓу почетната иницијалност и крајната реализација како Чин-Дела, – документи за повеќе од уметност, (В)Домување, Мир, Тихување, … или поточно, крајниот исход на делото е само уште еден сегмент од повеќегодишен уметнички чин врз кој се изградени повеќето од видеопроектите од омнибусот.
Четирите видеа, налик на лабораторија во друштво, засновани се врз експеримент со филмската структура. Исто како и завршниот процесуален видеоперформанс, продуцирани се од документарнa текстурa на „in situ“ акции, снимени за време и место на настан на одредени локации, градени врз дијалошка форма на заедничко живеење и учење од другиот.
Омнибусот започнува со делото Златна камера СРНА – експериментален документарен филм во којшто авторката поставува камера на главата на кучето Срна, најдено и згрижено на еден од ПАТЕМ настаните, воедно и документирано како Чин/дело 1 (Вдомување на Срна Патем), со што и започнува реализацијата на делото. Подвижната Камера Скулптура – кучето во улога на снимател и актер, преку заменски форми на монтажни постапки од страна на авторката, користејќи ја архивата, патува низ 10-годишен времеплов на случки и настани на уметничката група. Нејзиниот интуитивен кучешки позитивен светоглед движејќи се напред-назад низ едно време на одрастување, го вовлекува гледачот во филм за љубовта и опстојувањето на групата.
Дејствието се префрла во делото Свадба без невеста – коњите во вода, во кое филмското искуство како краен производ, проследено до публиката во облик на уметничка акција на авторката, е базиран на мисловен процес кој безинтересно завлегува во реалноста, доведувајќи ја на површина нејзината суштина. Па така, движејќи се од двете страни на камерата, по самиот раб на делото, помеѓу светот на личното/единката и светот на друштвото/системот, нивниот парадокс на меѓусебно привлекување – отфрлање, влиjанија и кревката рамнотежа на статусот уметничко/неуметничко, каде што авторката обично и ја наоѓа уметноста, ги врамува учесниците и себе во уметничкото дело.
Подигнувајќи ја неуметничката содржина кон разговорни трансформации, фикции, авторката наоѓа заменски форми на појавното, сликата, звукот и текстот, до апстрактни слики и потрага по димензија за премостување на визуелниот говор до автохтона содржина на други нивоа во доменот на нематеријалното/искуственото како носител на перформичкото во овие дела.
Посочувајќи на Животна уметност, како одговор на прашањето: Која е улогата и функцијата на уметникот денес?, во делото Случајот Круме Алексов – Мечката, ја придвижува затекнатата реалност, таа што кај авторот покренува одлука, до новонастаната – креирана реалност во истата, со нови исходи и животни сознанија. Повеќемедиумскиот пристап во ова дело, креирање мизансцен со актери од затекнатите, реконструкција и разоткривање случка поклопена од времето, со користење минимални технички средства, мобилен телефон, проектирање видео-аудио пораки, се дел од постапките со кои се разоткриваат и креираат новите релации.
Допирајќи идејни точки надвор од уметничкиот свет, со други професии, области и возрасти, во делото Музеј на зелени змејови, авторката потенцијалот за уметност го пронаоѓа во фокусираноста и посветеноста на мислата кај човекот во групата. Нижењето на тутун како егзистенцијална и духовна активност на другиот, еквивалентно на ритуалната изведба и објектните сличности со супрематистичките искуства, го поставува на сцена филмот кој ја конструира идејата за активен виртуелен музеј сред полињата тутун.
Крајниот чин на Омнибусот, видеоперформансот Аматерасу или ветување за она што доаѓа, е изведен во надворешен рурален амбиент – затекнат мизансцен од стопирана реконструкција на плато, и нарација од кус снимен телефонски разговор со колега. Aвторката во дадаистички манир се поставува како некаков жив ротирачки скулпторско-сликарски монумент со огледални површини, авторефлексно проектирајќи слики од/кон себе, природата и општеството, ретроспективно навраќајќи се на тешкотиите и можностите за емоционално, идејно и технолошко надминување на веќе изодените патеки.
