You are currently viewing „Далечини живи и светлосни“

„Далечини живи и светлосни“

Центар за култура Битола и Илија Маџаров ве покануваат на отварањето на изложбата „Далечини живи и светлосни“ 06.10.2022 19:00ч
Илија Маџаров слика портрети и пејзажи, најчесто обични, секојдневни сцени, но без поп- артистичка шематизација, реалистичен детализам или академска довршеност на формата, која би тежнеела кон визуелно, суштински и формално исцрпување на можностите на претставената сцена. Неговите дела не се домашни задачи и демонстрации на вештина, знаење или на одредени било идејни било стилски тенденции, не се ниту импровизации, туку се сцени фатени во времето, во движење, во единственоста, но со насетување на нешто што ги прави трајни во подлабока смисла.
Неговите личности се токму тоа – личности. Секој портрет прикажува некој што е единствен, неповторлив, којшто не можете да го замените со кој било друг, а секоја градска сцена или пејзаж од природата, е единствен токму заради уловената временитост, движење, минливост која го прави жив, онолку за да речиси физички го почувствуваме неговото присуство, ветре коешто движи кон нас низ замислената мембрана на сликата. Безмалку физички го доживуваме и чувствуваме, но не неговата тежина, натежнатост, и не како сениште или привид, туку како здив на животот, благородност којашто всушност оживотворува сѐ што постои.
Во прв план секогаш се луѓето или во ликовна смисла – структурно носечките предмети, додека позадината често е сведена на назнака, безмалку на апстракција. Боите се меки, редуцирани, притоа не се избегнува сенката, но таа како да е еден вид светлост која сѐ проникнува, но не светлост во вид на пламен, сродна на Ван Гог, туку светлост како здив кој на невидлив начин проникнува и поврзува сѐ, обединувајќи ја претставата, а низ неа, на метонимиски начин, сиот свет во едно. Тоа не е светлост што го проголтува светот, што нѐ заслепува, туку што го отвора кон далечините, го отвора кон нешто што е исход на она што е со очи видливо. Кога ги гледаме сликите на Илија Маџаров, ги гледаме тие далечини, таа отвореност, но тие не нѐ плашат, тие се живи и светлосни, топли, бидејќи далечините на Илија Маџаров не се празнина туку се дух.
Овој уметник во своите слики се бори со светот, запрашан е за неговата смисла, но се бори молитвено, како Јаков, а не нихилистички или самодопадливо. Тој со поглед го осветлува светот, за да и нему и нам светот ни одговори со својата светлост, која е траг на творештвото и назнака на идното, на неговата цел, која не носи во далечините во кои се наоѓаме самите себеси, се приближуваме сами кон себе, сами со себе се помируваме и конечно се помируваме со светот. Свесно или не, и фала му на Бога ни малку програмски, сликарството на Илија Маџаров е есхатолошка, ќе се осмелам да речам евхаристиска уметност на една вистинска слобода, за којашто треба многу храброст и самосвест во денешно време, и за да се создава и како таква да се препознае. Во таа смисла, Илија Маџаров ги создава набљудувачите на своите слики, создавајќи една нова култура, односно вистинска култура што е секогаш нова, затоа што секогаш ја преобразува еден ист дух, оној што е со нас од постанокот и од исходот, подеднакво, кој е од крајот и кој е од почетокот.
Владимир Коларич