You are currently viewing ^ПАТЕМByTheWay CINEMA

^ПАТЕМByTheWay CINEMA

^ПАТЕМByTheWay друштвото, на уметничката сцена од 2013 година, го гради и разградува својот концепт на создавање во истражувачки контакт со природата и местата каде, вообичаено, камперски престојуваат. Патем, авторите допираат до самото живеење како уметност. Негуваат и блиски релации со уметниците и уметничките контексти во опкружувањето, блиски на нивната естетика, проширувајќи ја ПАТЕМ заедницата.
Последните две години, во сред Ковид пандемијата, ретро создавачки, престојуваат во местата и во мемориското на нивното изминато уметничко бидување, допирајќи и до идејата натамошниот ангажман да го концентрираат над содржините во нивната обемна ПАТЕМ архива. Го витруелизираа своето патувачко делодејствување, акомодирајќи се пред соѕвездието на мониторот во замена за ѕвездите на дофат. Свесно пречекорија во своевидна антитеза на нивниот носечки уметнички концепт, во име на креативниот потенцијал на пресвртот – оти теза и антитеза се спротивности на еден ист реалитет.
Во ^ПАТЕМByTheWay CINEMA, во темниот простор на “Нова сцена” во Битолскиот театар, ПАТЕМ друштвото обединува три сегменти од нивните актуелни промислувања и продукција: документарниот филм од истоимениот проект Радиус на кривината – ПАТЕМ караван, создаден низ средби и разговори со повеќе значајни автори од EX YU сцената, блиски на нивната естетика и ангажман; ПАТЕМ Ретро документарниот филм во подготовка, претставен преку трејлерите од патувачките тури низ Македонија минатата година и виртуелното “изодување” на подалечните ПАТЕМ дестинации преку нет алатките; ѕидна видео проекција на претходно снимената/виртуелизираната ПАТЕМ библиотека во просторот на “Нова сцена”, во којшто физички ќе “недостасува”, а зад постаментски изложената книга Транскрипт од “Радиус на кривината…”, како единствен материјален факт во поставката; како и видео од, исто така, претходно снимен затекнат и дограден театарски реквизитариум на истата сцена, проектирано врз самата предметна елементарност на веќе снименото.