Ве поканаме на отворањето на самостојна изложба „Дама со девет камења“, проект на Иванчо Талевски во соработка со Васко Дуковски, на 3 јули во 20:00 часот, во Нова сцена при НУ Центар за култура – Битола.
На 4 јули во 19:00 часот следува предавање и промоција на книгата која ја анализира состојбата околу изгубените цртежи на Марко Цепенков и патешествието на овој проект. Повелете!
„Дама со девет камења“ е истражувачки мултимедијален изложбен проект кој преку имагинативен разговор оддава важност и го комплицира значењето на изгубените цртежи на еминентниот собирач на народно творештво, Марко Цепенков. Преку цртеж, графика, проекции и звук, проектот го елаборира и го продлабочува поимувањето на минатото како материјал, со цел да евоцира прашања околу индивидуалната и колективната меморија, историја и припадност, нивното бележење, опстојување и бришење. Цртежот во овој изложбен проект се третира како јазик кој фигурира како кревок опис при бележењето и интерпретацијата на историските и општествените процеси.
Исклучителниот музичар и композитор, Васко Дуковски, кој живее и работи во Шангај, преку свои исцртани музички нотации базирани врз избрани цртежи од Цепенков ќе учествува на изложбата.
