Почитувани,
со особена чест и задоволство Ве покануваме да присуствувате на Свеченото отворање на 43-то издание на Државната изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ кое ќе се одржи на 18 мај 2018 година (петок) со почеток во 12.00 часот во Фоајето на НУ Центар за култура – Битола.
Кога детската фантазија ќе заплива низ креативниот вруток на инспирацијата, поттикната од бескрајните бисерни низи на народната култура кои се китени со векови од безброј знаени и незнаени неимари, се создава нов уметнички свет во кој живеат прегрнати минатото и иднината.
43-то издание на Државната изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ е искрата која и оваа година ја поведе новата генерација млади творци на инспиративна прошетка низ културнотото наследство.
Народните везови, носиите, накитот, занаетите, градбите, обичаите, ората, песните, како и останатите безбројни материјални и духовни вредности повторно предизвикаа нови уметнички блесоци.
Благодарение на вредните детски творци како и нивните ликовни педагози и наставници од основните училишта ширум Република Македонија, во рамките на овогодишната детска ликовна изложба ќе бидат експонирани 50 колекции со 503 ликовни творби.
Стручната жири комисијата, реализирајќи ја својата навистина тешка задача, додели две специјални награди за континуирано четири пати по ред добиена награда за најдобра колекција, 10 рамноправни награди за најдобра колекција како и 33 поединечни награди за најуспешни ликовни творби на изложбата.
Во рамките на Каталогот од 43-та изложба, покрај податоците за учесниците и наградените, поместени се и податоци за учесниците на третата по ред Детска ликовна работилница на тема „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“ која што се одржа на 27 и 28 јули 2017 година во Битола.