You are currently viewing Театар

Театар

Во рамките на оваа дејност Центарот за Култура бележи значајни достигнувања со реализација на веќе постоечките проекти и со инкорпорирање на нови и тоа во неколку насоки:

Негување и збогатување на театарската култура со монодрамски остварувања институционализирано преку “Интернационалниот Фестивал на монодрама” , како вид на драмско творештво и развој кој се одржува веќе 12 години.

 

Идејата на Фестивалот е да се поттикне индивидуалното творештво во театарот се со цел да се подигне нивото на комуникација меѓу театарските творци и творците и публиката.

Бројот на учесниците на фестивалот и земјите од кои доаѓаат (вклучувајќи ја и Македонија) е во постојан пораст ,така што на досегашните фестивали учествуваа претставници од голем број на земји, како што се: Франција швајцарија, Грција, Бугарија, Исланд, Литванија, Украина, Русија  и  многу други за што зборува фактот дека овој Фестивал веќе прераснува во реномиран меѓународен Фестивал.

Сите овие години Министерството за култура го поддржа финансиски овој проект, со што се потврдува подршката на одржување на ваквиот тип на манифестации. Од досегашното искуство, се покажа дека интересот за овој вид драмско творештво кај нас се зголемува, исто како што квалитетот на претставите станува валиден показател за растот на драмското творештво во нашиот театар , а претставите изведени на Фестивалот се конкурентни и на странските театарски сцени. Фестивалот од 2003 година е член на ИТИ при УНЕСКО. Составен дел на Фестивалот е издавањето на збирка на Монодрами која се издаде  се со цел да се збогати квалитетно на фондот на домашни драмски текстови и овој драмски род да добие поголема популарност меѓу актерите и публиката. Заради неговата органска поврзаност со Фестивалот на монодрама,  се очекува поактивна соработка на драматурзите на кои им се нуди конкретен простор, на кој ќе можат да доживеат изведба на своето дело, а од актерите, да ја прикажат својата глумечка вештина презентирајќи ги делата на домашни автори.

Аматеризмот во театарот во Центарот за култура е застапен преку драмското студио “Солза и смеа”,натаму Детскиот театар „П.С. Бабец,  во кои учествуваат ученици од средните училишта ,професионални актери ,раководени од стручни режисери и помош од театарски работници. Групите  негуваат интересен репертоар на класични и современи драми чие презентирање предизвикува голем интерес кај публиката, особено младата.

Заживувањето на Центарот за култура  се оплеменува и со поставување на професионални театарски претстави, што во никој случај не треба да се сфати како конкуренција на професионалниот театар, туку како дополнување на неговата дејност со екпериментални проекти. На ваквиот начин во целост ќе одговориме и на желбите на театарската публика што Битола отсекогаш ја имала.