You are currently viewing ЛИБЕРТАНГО

ЛИБЕРТАНГО

ЛИБЕРТАНГО е приказна за создавањето и патот на тангото. Уличен танц што го достигнува пиедесталот на светската танц-сцена. Танго или танцот на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето…
Во почетокот на минатиот век во Аргентина има прилив на емигранти од Европа, а најмногу Италијанци и Шпанци. Аргентина е новата ветена земја, земја надеж на сиромашните емигранти кои тргнале да бараат подобар живот.Таква е приказната на италијанското семејство Пјацола. Висенте и Асунта, родителите на композиторот Астор Пјацола, кои ја доживуваат Аргентина како земја на нивната иднина. Мајката на Астор, Асунта Пјацола е пријателка со познатата италијанска танчарка Каменчита Кармен Калдерон која е исто така емигрантка и е една од првите танго- танчарки во Аргентина. Пренесувајќи ги танго-чекорите на Асунта и Висенте Пјацола, тие заедно го развиваат овој танц.
Во дваесеттите години на 20 век во Аргентина се танцуваат различни танци:
женските танци на чинас-жени – шпанските емигрантки кои ги изгубиле своите мажи во битки, танците на лорас-девојките, кои со часови танцувале во аргентинските барови и танците на италијанските емигранти. Овие три народи, во страсната Аргентина како оддишка од тешките животи и макотрпната работа, наместо битки, почнуваат да танцуваат и да пеат заедно. Така на сцената се појавува и прекрасната аргентинска танго-танчарка, Марија Нивес која со партнерот Хуан Карлос го развиваат тангото и го презентираат низ светот. Преку нив, Калдерон и Пјацола, тангото во Аргентина ќе ги достигне своите врвни мигови. Растејќи по улиците на Буенос Аирес, Астор се вљубува во музиката.и со својот мал банденеон, уште како дете почнува да ужива во танго-нотите, во џез-музиката како и во класичната музика. Со неговата музика ја привлекува и својата прва љубов, Деде Вулф. Инспириран од танцот што го играат мајка му Асунта и пријателката Калдерон, а воден од страста и љубовта кон Деде создава музика со силни емоции. Тангото долго време му е инспирација на младиот Пјацола. Низ приказната на неговите родители, љубовта кон жената и страста кон танцот и музиката, Астор расте, а со него расте и тангото насекаде низ светот.
Понесен од играта и од страста на младата танчарка Марија, таткото на Астор почнува да танцува пред публика заедно со Марија Нивес во „Кафе бар – Буенос Аирес“. Во овој најпознат кафе бар во Буенос Аирес за прв пат ќе се спојат неколку различни танго-играчи: Висенте, Карлос, Калдерон, Асунта и Мариjа, а со нив ќе почнат да танцуваат и останатите танчари. Новосоздадената авторска музика, исполнета со страст и љубов, се распостила по сиот свет.
ЛИБЕРТАНГО на големиот Астор Пјацола, кој се раѓа во Буенос Аирес, каде што живее и твори музика, отвора нов правец на тангото наречен ново танго (Tango Nuevo). Со креативниот подем на овој светски познат композитор со нови звуци се преплавуваат светската музичка и танцова сцена, а тангото го задржува своето високо значајно место.
Музиката на Пјацола ги спојува џезот, класиката и музиката на трите народи: Италија, Шпанија и Аргентина.
Живеејќи меѓу улицата, клубот, музиката и танцот, класиката, џезот, универзитетот и талентот, помеѓу Буенос Аирес и Париз, Астор Пјацола ја создава една од најубавите танго-композиции на 20 век, ЛИБЕРТАНГО.