Гостување на ХНК Сплит со балетот 5 до 12 на Игор Киров

Гостување на ХНК Сплит со балетот 5 до 12 на Игор Киров

Со огромно задоволство Ви го најавуваме гостувањето на балетскиот спектакл на ХНК Сплит “5 до 12” на нашиот Игор Киров, со музика на Кирил Џајковски на 12.05 во големата сала на ЦК Битола!
*Влезниците се во продажба на билетарата на ЦК Битола по цена од 150 денари.

Кон премиерата:
Со аплаузи и овации е наградена премиерната изведба на балетската претстава “5 до 12” на македонскиот кореограф Игор Киров на Сплитско лето.

Според хрватските медиуми, публиката во Сплит е навикната на сјајни балетски изведби, но секогаш одново ги изненадува она што ќе го понудат танчарите и кореографите.

Во 60 минути колку што трае претставата, преку одлична музика и модерен танц Киров низ 12 сцени и со исто толку танцувачи прикажува шест периоди од човечкиот живот, од раѓањето до смртта.

Кореографијата на Киров е поставена на музиката на Кирил Џајковски која, претставува комбинација на електронски и изворни звуци.

Костимографот Александар Ношпал, пак, костимите во почетните сцени ги обликувал како стилизирани македонски носии кои танцувачите постепено во претставата ги соблекуваа.

Публиката одлично ја прифатила и темата на балетот за навиката на Балканот сите работи да се решаваат во последен момент и тоа токму онака како што судбината ќе посака.

Киров со претставата порачува и дека животот е Рубикова коцка, односно онаков каков што самиот ќе го сложиш, а се е поинакво и поубаво кога ќе се отвори душата, на што сугерираше проѕирната коцка на сцената.