You are currently viewing Владимир Симоновски “Рудименти”

Владимир Симоновски “Рудименти”

На 28.12.2021 во 19ч на музичката сцена во НУ Центар за култура ќе се отвори самостојната изложба на Владимир Симоновски “Рудименти”.

Изложбата ќе биде отворена секој ден до 29.12 до 06.01 од 17 – 19 часот.
Истата се состои од седум скулптури и еден објект изработени со специфична техника во дрво и метал, кои заедно прават уникатна целина. Сите дела се концептуално поврзани и откриваат избалансирана естетика на моќни симболички форми. Како рефлексија на средновековната иконична претстава „Слегувањето на Христос во адот“, публиката учествува во симнување во подземен простор во кој се согледува себеси низ скулпторски форми на раѓање, детска игра, духовен пад и преобразба.
Во каталогот за изложбата, историчарот на уметност и графичар Владо Ѓорески пишува: „Владимир Симоновски … дантеовски тргна во потрага по семиотиката на изгубената цивилизација, по светлината на Богочовекот, кој се спушта во нашиот нов свет, во нашите подруми, и повторно се распнува низ вкрстените порти. … Тоа се порти што преку смртта и повторната преобразба во светлина нè воведуваат брзо (затоа што навистина немаме време и дефинитивно сме изгубени во безизлезен вртлог) во трансцедентното, во духовното, давајќи ни храброст да ја погледнеме смртта в очи оти подобро е да се биде мртов човек одошто бесмртен робот. … Владимир Симоновски ни ја фрла вистината пред нас, поставена на црниот крст на нашето распаѓање, наспроти левитирачките порти низ кои може да помине само оној што верува, но не во лажните пророци, не во лажните спасители, душогрижници за нашето „здраво“ опстојување. Во малиот, темен простор тој
ги поставува суштинските остатоци од секој нас и нè раслојува во една поетска метаморфоза, во еден детски еквилибриум, во една решетка на сите наши заробени слободи, отсекаде и засекогаш, во една лажна светлина на сите машински зборови што се замена за некогашните говорења. Конечно, тој ни ги остава клинците на сите наши распетија – љубовни, мечтателни, творечки, едноставни, скромни во сите сегменти на
животот што сме го заборавиле.“
Владимир Симоновски е академски скулптор од Битола. Завршил Ликовна академија во Скопје, отсек вајарство, во класата на професорот Беди Ибрахим. Учествувал на повеќе
групни изложби: Vernissage, Битола 1995; Transform, Истанбул 2009; Art Muse, Битола 2013, 2014; Timecollectors, Битола 2013, Скопје 2014; Графичко триенале, Битола 2013; Графичко триенале, Шамолиер, Франција 2011; Годишни изложби на ДЛУБ, 2011-2019; Годишни четвртоноемвриски изложби, Битола, 2010-2014. Реализирал самостојни изложби во: Прилеп, 2014; Кавадарци, 2014; Битола, 2014, 2017; Скопје (КИЦ), Кавадарци и Струга, 2018.
Соработувал како сценограф со режисерот Лука Кортина (2009) и како костимограф на ТВ серијата „Седум приказни за свршувањето“ (2001). Автор е на дизајнот (сценографија, костимографија, плакат) на претставите: „Планетата Јов“ на Драмски театар – Скопје (2016), „Буре барут“ на Драмски театар – Скопје (2016) и „Дух“ на Охридскиот театар. Претседател бил на Друштво на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ) од 2010 до 2014 година. Ја добил наградата на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 2017 година, за најдобар визуелен материјал за претставата „Планетата Јов“ на Драмски театар – Скопје, како и наградата „4 Ноември“ на ДЛУБ во 2019 година.

Повелете 🎨